Италијанската полиција рано изутринава во низа координирани акции уапси 56 лица, поради поврзаност со озлогласената мафијашка група „Ндрангета“ и заплени имот во вредност од околу 250 милиони евра.
Обвиненијата со кои се соочуваат осомничените вклучуваат изнуда, киднапирање, трговија со оружје, корупција и измама…
Франческо Месина, централниот директор на Одделот за криминал на Националната полиција, рече дека „решителната операција на судската полиција овозможила да се разбие жестоко мафијашко здружение“, истакнувајќи дека сумата на конфискуваниот имот „ја потврдува економската моќ на кланот Ндрангета кој конечно е засегнат”.
Полициската операција доаѓа само една недела откако во Палермо беше уапсен озлогласениот сицилијански мафијашки бос Матео Месина Денаро, еден од најбараните италијански бегалци.
Кланот „Ндрангета“ своите корени ги влече од јужниот регион на Калабрија, но е проширен на Апенинскиот Полуостров и на европскиот континент. Кланот е вклучен во шверц на дрога во Европа, одржувајќи силни врски со јужноамериканските картели.