![kokain banani](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/02/kokain-banani.jpg?resize=650%2C358&ssl=1)
Во меѓународната акција за спречување на шверц на кокаин, покрај македонската полиција биле вклучени и истражните органи на Италија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а биле откриени вкупно 1,2 тони кокаин, пишува босанскиот весник „Независне новине“. Кокаинот бил во вредност од околу 50 милиони евра, а според медиумот, требало да завршни во земјава, но најголемиот дел во Босна и Херцеговина. Според весникот, дрогата спакувана во неколку контејнери била запленета на пристаниште во Италија.
„Полицијата од контејнерите успеала да извади 970 пакети со наркотикот тешки 1.128 килограми, а лажната пратка со околу килограм дрога била запечатена заедно со систем за следење за да се утврди кому му е наменета толку голема количина дрога“ – „Независне новине“.
Како што пишува „Независне новине“, пратката натаму продолжила по планираната рута, стигнала во Бар, Црна Гора, каде што стигнале шест камиони. Четири од нив дошле од Македонија за да ги подигнат запечатените контејнери, не знаејќи дека полицијата ги следи и дека во нив имало само еден килограм кокаин кој го оставиле истражителите. Другите два камиона, според весникот, заминале за Босна и Херцеговина не знаејќи дека возат празни контејнери и дека истражителите ги следат и нив.
Весникот пишува дека државната босанска агенција за истрага и заштита СИПА акцијата на апсења ја извела со полициските и правосудни органи на Италија, Македонија и Црна Гора, а во рамките на меѓународна оперативна акција за сузбивање шверц со наркотици.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, во интервју за емисијата „360 степени“ изјави дека Министерот Чулев добил предупредување од италијанските власти дека издавањето информации во јавноста за акцијата што била во тек е крајно несоодветно. Според неа, најголеми последици за акцијата имало во Босна и Херцеговина.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека не било точно тврдењето на Петровска, дека италијанските власти му реагирале на министерот Чулев за издавање информации во јавноста за акцијата за заплена на кокаин во Крушопек. Од партијата ѝ порачаа на Петровска и на останатите кои, според ВМРО ДПМНЕ, се молеле акцијата да биде неуспешна и брифирале погрешни информации за јавноста, дека на оваа тема ќе зборуваат погласно по 12 април.