Италијанскиот Сенат го одбри спорниот буџет за 2019-та

Италијанската влада рано претпладнето во неделата доби голема поддршка во горниот дом на парламентот – Сенатот, за предлог буџетот за 2019 година, кој треба да биде донесен до крајот на годинава.

Преостанува уште буџетот да го одобри долниот дом на парламентот до 31-ви декември, за да стапи на сила на почетокот на новата година. Предлогот на владејачката коалиција составена од евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди и партијата од крајната десница Лига доби 167 гласови „за“, 78 „против“, а тројца пратеници биле отсутни од гласањето.

Минатата среда Европската комисија постигна договор со владата на Италија околу буџетот за 2019 година по повеќемесечни остри преговори, избегнувајќи притоа да преземе дисциплински мерки против Рим.

Меѓутоа, преговорите доведоа до темелни промени на нацрт-буџетот, па конечниот предлог во саботата стаса во италијанскиот парламент во последен момент, предизвикувајќи незадоволство од опозицијата. Припадниците на Демократската партија, од левиот центар, порачаа дека ќе бараат од врховниот италијански суд да се изјасни за уставноста на овој потег, тврдејќи дека немало доволно време за детална расправа за буџетот. „Овој буџет е смејурија“, изјави поранешниот лидер на демократите и поранешен премиер, Матео Ренци, во саботата.

Доцното испраќање на предлогот во парламентот, вицепремиерот и челник на Лига, Луиџи Ди Мајо, на Facebook го правдаше со долготрајните преговори со Европската унија. „Сметам на тоа дека буџетот конечно ќе биде одобрен на 27-ми или 28-ми декември“, порача Ди Мајо. Доколку италијанскиот буџет не биде прифатен до 31-ви декември, на сила стапува автоматското привремено финансирање на државата.

Владејачката коалиција во октомври предложи експанзивен буџет кој предвидува дефицит од 2,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП), во однос на годинешниот дефицит од 1,8 отсто, за да може да се финансира секторот на социјалната грижа и мерките за даночните реформи. Во договор со Брисел, предвидениот дефицит за следната година е намален на 2,04 отсто од БДП-то, додека предвидувањата за економскиот раст се намалени од 1,5 на 1 отсто.

Претседателот на Bundesbank, Јенс Вејдман, во саботата во врска со италијанскиот буџет изјави дека компромисот го ослабел влијанието на Брисел врз земјите членки на ЕУ и нивното придржување на европските прописи за националните буџети.