Претседателот на Република Македонија, Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.
Во продолжение проследете го интегралниот текст од честитката на претседателот Иванов.
Ваше Блаженство,
Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
На овој голем христијански празник го прославуваме небесното вознесение на Мајката Божја. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката кон своето чедо, ги славиме христијанските начела и вредности за праведност, прошка, хуманост и добрина. Нејзиниот живот, нејзината големина и посветеност кон верата нека се наша водилка кон почитување на мајката која дарува живот, љубов и трпеливост. Таа нé учи да ги почитуваме своите блиски, да споделиме љубов и грижа за блиските и да дадеме помош на оние на кои најмногу им е потребна.
Во Република Македонија, Мајката Божја е почитувана и прославувана како заштитничка на сите жени и мајки, закрилник на сите христијани. Нејзиното успение е симбол за големината на неизмерливата вера и верба за човечност, мир и разбирање.
Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица.