Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Австралија и на Португалија во Македонија.
На средбата, по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Австралија, Џулија Фини, претседателот Иванов изрази очекување за унапредување на билатералните односи, и за интензивирање на политичкиот дијалог и економската соработка со Австралија.
„Ја користам оваа прилика да искажам увереност дека и Вие со вашето дипломатско искуство и со Вашиот ангажман ќе дадете придонес за унапредување на односите и збогатување на соработката меѓу нашите две земји“, порача во поздравниот говор претседателот Иванов.
Новоименуваниот амбасадор на Австралија, Фини, искажа уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе направи се’ што е во нејзина моќ за зајакнување на односите меѓу двете земји во сите области.
На средбата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Португалија Аугусто Хозе Пестана Сараива Пежото, претседателот Иванов изрази подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи и збогатување на соработката во сите области од заеднички интерес.
„Наш примарен интерес е стабилноста и просперитетот на Балканот и неговото целосно интегрирање во Унијата. Се надевам дека можеме да сметаме на португалската поддршка во реализацијата на нашите стратешки цели, членството во НАТО и интеграција во Европската унија“ порача македонскиот претседател.
Новоименуваниот амбасадор истакна дека Португалија ќе продолжи да ја подржува целосната интеграција на Република Македонија, како и на останатите држави од Западен Балкан, во НАТО и во Европската унија и додаде дека спроведените реформи во нашата држава европските земји високо ги ценат.
„Сметаме дека напорите кои ги вложува вашата земја во однос на реформите се исклучително позитивни и клучни во зајакнување на партнерството со Алијансата. Неодамна, земјите-членки на НАТО ги потврдија нивните заложби за политиката на отворени врати и изразија надеж дека евроатланската интеграција на Република Македонија ќе стане реалност“, порача амбасадорот.
На новоименуваните амбасадорите претседателот Иванов им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.