Стегнување на протокот на бегалците, но не и затворање на балканската миграциска рута е договорено на работниот состанок во Европскиот совет во Брисел, на кој учествуваше претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, а домаќин беше претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер.
На средбата присуствуваа и српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерите на Словенија и Хрватска, Миро Церар и Тихомир Орешковиќ, како и претседавачот со Советот на Европската унија, Берт Кундерс, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
Токму предлогот на Република Македонија од Самитот за бегалците на ЕУ во октомври 2015 година, сега е работна верзија на европските лидери за справување со овој проблем, што е на маса и на денешниот Самит на Европскиот совет во европската престолнина. Според претседателот Иванов, Македонија е поканувана на вакви самити и собири „затоа што има конзистентен став”.
Тоа што досега сме го изнесувале, тоа и го спроведуваме, со тоа што сите наши превземени мерки и активности се во единствениот европски план за справување со бегалската криза. Сите наши позиции што беа изнесени на Вишеградската група ги повторив синоќа на оваа средба на која беа претседателите на Европскиот совет, на Европската комисија, претседавачот со Унијата и земјите што сме долж коридорот, изјави претседателот Иванов.
Според претседателот Иванов, македонскиот став е јасен – Македонија не може да биде надворешна граница на Европската унија.
Не можеме ние да ги замениме сите оние мерки и активности што треба самата Унија да ги прави на својата надворешна граница. Но, во земјата спроведуваме се што е во состав на севкупното европско решение. Причината е што ова не е само предизвик за ЕУ, туку и за Европа како континент, а ние како Македонија, кои сме на европскиот континент, придонесуваме за справување со овој предизвик. Препознаена е таа наша конзистентност во ставовите, како и нашата конструктивност, па затоа со внимание беа слушани сите предлози што ги дававме, изјави претседателот Иванов.
Македонскиот претседател е дециден дека планот на Македонија е сите мерки и активности што се превземаат да доведат до тоа „во еден момент илегалната миграција да стане легална миграција и да дојде на легалните премини каде ќе ги помине сите контроли и мерки”.
Тоа е пред се за безбедносните ризици со кои се соочува Европа во последно време, а со кои ќе се соочува и во иднина токму од предизвиците на безбедносниот карактер на кризата, бидејќи имаме многу бегалци што не ги поминале безбедносните проверки и сите оние работи што мора да ги прави секој оној што преминува на легален премин во државата, изјави претседателот Иванов.
Она што е дефинитивно разјаснето на синоќешниот мини-Самит на земјите долж западно-балканската миграциска рута е забуната дека Македонија има намера да затвори легален граничен премин кон Грција, што според претедателот Иванов нема никогаш да се случи. Имено, се работи за нелегалниот премин на граничната кота 59.
Да. Постои неинформираност за реалната состојба, па затоа и министерот за надворешни работи на Холандија, Кундерс го подвлече синоќа тоа на состанокот. Станува збор за нелегален премин каде доаѓа илегалната миграција. Македонија никогаш не ни размислувала, ниту имала план да ги затвора своите легални премини. Затоа, настојуваме и баравме уште во октомври на тој илегален премин да се има целата опрема и се што е потребно за евидентирање и регулирање на протокот на мигранти. Токму затоа баравме и опрема за биометриски податоци, пристап до Фронтекс-базите и пристап до базите со податоци на Шенген. За да можат податоците да ги користат сите членки на Унијата, појаснува претседателот Иванов.
Македонскиот претседател по состаноците во Брисел ги појасни и шпекулациите дека Македонија е под притисок да прими поголем број на бегалци, околу 10-20 илјади лица, на подолг престој во Македонија, односно да стане паркинг-место за бегалци на Балканот.
Очигледно станува збор за неинформираност. Во октомври минатата година, Македонија го затвори тоа прашање кога секоја земја требаше да ги пријави сопствените капацитети за да згрижи бегалци. Ние кажавме дека Македонија има капацитет за само 2.000 лица што транзитно ќе може да поминат низ државата. Значи, додека транзитираат, околу 2.000 лица можеме во кус временски период да ги згрижиме. Другите земји што пријавија свои капацитети, сега се очекува од нив тоа и да го исполнат. Ние опстојуваме на нашиот став што сме го завземале во октомври и на тоа остануваме, дециден е претседателот Иванов.