Иванов: На Македонија ѝ е неопходна воено–цивилна соработка

Армијата, но и сите чинители во системот за одбрана треба да се приспособат на новите закани и новата реалност, рече Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на вечерашната централна свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија и 25-годишнината од формирањето на АРМ, што се одржа на Воениот стадион во Скопје.

„Стратегијата за одбрана што треба да се донесе до крајот на оваа година треба да го дефинира поставувањето на системот за одбрана во услови на превенција, справување со закани и отстранување на последици од предизвикани непогоди и загадувања. Планирањето на одбраната не ги опфаќа само вооружените сили, туку и учеството на граѓаните, државните органи, приватните лица, цивилното општество, медиумите. Бидејќи наша споделена должност е да се грижиме за Република Македонија“, рече македонскиот претседател.

Планирањето на одбраната, како што рече претседателот Иванов, подразбира купување, развој и производство на технологии за одбранбени капацитети.

„Располагаме со ресурси и капацитети кои се неискористени само затоа што не се вмрежени. Треба конечно да научиме да ги користиме домашните капацитети на научно истражувачките институти и правни лица од областа на автоматиката, роботиката, ИТ комуникациите. Да ги користиме овие капацитети за сервис на дронови, производство на заштитна опрема за војници и заштита за возила и муниција. Мора да инвестираме во технологијата, бидејќи не можеме да се справуваме со неконвенционални закани користејќи конвенционални средства“, рече претседателот Иванов.

Според македонскиот претседател, повеќе од кога и да било порано на Македонија ѝ е неопходна воено–цивилна соработка, којашто според него е потребна за единство меѓу Армијата, државните органи, граѓаните и локалната самоуправа во одговор на заканите, непогодите и загадувањето со кое се соочуваме.

„Армијата мора да се трансформира и правилно распореди во 8-те плански региони за да одговори на основната мисија и идните задачи: Прво, мониторинг на подрачја зафатени со криза, непогоди и загадувања. Второ, постигнување на превенција со присуство на Армијата“, рече претседателот Иванов.

Сево ова, според претседателот Иванов, е неопходно бидејќи оперативната средина се менува и, како што рече, се почесто ќе се справуваме со климатските екстреми на природата и со насилниот екстремизам на човекот.

„Поради глобалните климатски промени, се почесто ќе бидеме изложени на екстремни временски услови. Минатата година се соочивме со поплавите. Годинава, пак, беснеат пожарите. Многу од предизвиците можеа да бидат превенирани и соодветно адресирани. Но, не беа бидејќи кругот на одговорност не е затворен“, рече претседателот Иванов.

„Поради глобализацијата на насилниот есктремизам и радикализам, се почесто ќе се соочуваме и со заканите од илегална миграција и меѓународен тероризам. Веќе две години имаме прогласено кризна состојба за заканата од илегална миграција. Истовремено, речиси секојдневно сме сведоци на до сега невидени терористички напади ширум Европа. Бидејќи кругот на одговорност не е затворен“, рече претседателот Иванов.

Поради глобализацијата на сајбер заканите, оцени претседателот Иванов, се почесто ќе сме сведоци на држави кои се жртви на напади, саботажи и воспоставување на контрола врз нивните електродистибутивни мрежи, комуникациски и банкарски системи.

„Многу држави се жртви на емитување на вести и прилагодени пораки до определена публика. Употребата на лажни вести и планиран истек на податоци се две основни методи на управување со перцепција во остварување на субверзијата. Освен својата физичка, Македонија мора да ја брани и својата сајбер територија. Но, ризикот за нас е висок, бидејќи и тука, кругот на одговорност не е затворен. Ова се сериозни предизвици кои бараат сериозен одговор. Единствената институција што може најсоодветно да одговори е нашата Армија“, рече претседателот Иванов на одбележувањето на Денот на АРМ и 25-годишнината од формирањето на АРМ.