Иванов: Одлагањето на политичката криза влијае и на нашето справување со предизвиците

Неоходно е институциите да функционираат, со цел Македонија да се справи со предизвиците што не очекуваат, особено во контекст на мигрантската криза, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, прашан за влијанието на политичката криза врз капацитетот на државата за справување со мигрантската криза.

Политичките лидери во Македонија превземаа одговорност за справување со политичката криза, ги ставија своите потписи на документот што мора тие да го реализираат. Секое одлагање влијае и на нашето справување со предизвиците што не очекуваат. Нам ни е неопходно да се почитува договорот и датумите во тој договор за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со овие пред се безбедносни ризици. Неопходни ни се институциите да функционираат, бидејќи во меѓувреме доаѓа и менување на законите. Нашиот пример што ние го направивме врз основа на нашиот кризен менаџмент со што ја однесовме армијата на границата сега го применуваат и другите земји во Европската унија. Но, за тоа се неопходни законски измени. Ние мора да имаме конституиран парламент што ќе ги врши измените во законската регулатива  за да е прилагодуваме на предизвиците што не очекуваат, изјави претседателот Иванов во Брисел, каде учествуваше на работниот состанок посветен на мигрантската криза.