Иванов по четврти пат ќе го додели признанието „Најдобар млад научник“

Претседателот Ѓорге Иванов, утре ќе го додели признанието „Најдобар млад научник” за 2013 година.

Признанието „Најдобар млад научник” за врвни научни достигнувања се доделува четврта година по ред. Целта на доделувањето на ова признание, кое прерасна во традиционална манифестација, е да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.

За носител на признанието „Најдобар млад научник” за 2012 година беше избрана Катерина Бачева за истражувачка работа во областа на аналитичката хемија и хемија на животната средина. За најдобар млад научник за 2011 година беше избран Трифче Сандев за истражувачка работа во полето на физиката и математичката физика, додека носител на признанието за 2010 година беше Никола Златанов за истражувачка работа во полето на безжичните телекомуникации.