Македонија, констатираше претседателот Иванов, ги сноси последиците од „нефункционален механизам на Унијата” и неспроведување на регистрација во земја членка на Унијата. Репубика Македонија ги почитува сите меѓународни обврски во третманот на мигрантите, обрнувајќи сериозно внимание на хуманитарниот аспект и покрај преоптоварените капацитети”, посочи претседателот Иванов на средбата.
Клучно, според претседателот Иванов, е враќањето на контролата врз надворешните граници на ЕУ. Потребна е заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот, рече претседателот Иванов на средбата со потпретседателот на ЕК, Тимерманс.
Тимерманс истакна дека има разбирање за предизвиците со кои се соочува земјата во справување со бегалската и мигрантската криза и потенцираше дека ќе се заложи за што е можно побрзо обезбедување на помошта и поддршката од ЕУ. Двајцата соговорници се согласија дека сега е време за акција.
Претседателот Иванов порача дека е крајно време Република Македонија да ги продолжи интегративните процеси.
Во однос на последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, претседателот Иванов истакна дека очекува сите општествени и политички фактори во земјата максимално да се посветат на надминување на забелешките од извештајот, и изрази очекување дека после изборите Република Македонија конечно ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. „Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес”, рече претседателот Иванов на средбата.