Иванов – Радев: Решението за името да не биде на штета на трети држави

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни.

„Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија“, рече Радев, одговорајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Радев, како што наведе, верува дека ќе биде најдено решение кое е прифатливо и за Македонија и за Грција, но кое нема да засега трети страни.

Иванов рече дека преговорите за проблемот што Грција ги има со уставното име на Република Македонија ќе продолжат во ОН, при што македонската страна ќе се труди да се најде решение кое нема да засега трети страни и да ги инволвира во процесот.

Новото решение за името со географска одредница не треба да биде на штета на трети држави, е ставот и на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој во петокот на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега по должност Румен Радев на новинарско прашање за спорот потенцираше дека преговорите ќе продолжат под покровителство на Обединетите нации, а решението ќе се бара од Резолуцијата на ООН, Привремената спогодба, како и пресудата на Меѓународниот суд.

Иванов потенцираше дека со својот бугарски колега разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за мигрантската криза, па оттаму македонскиот претседател иницира договор за стратешко партнерство со Бугарија како што Македонија има потпишано со САД и Турција.

„Сè се менува, но не и географијата, ние сме соседи и ќе останеме. Нашите односи со Бугарија се пример за добрососедство. Договорот за добрососедство што го потпишавме создава шанса за зголемување на соработката. Разговаравме и за новата Стратегија на ЕУ за проширување што е голема заслуга на Бугарија. Реални се можностите Македонија за време на бугарското претседателстово со ЕУ да добие датум за почнување на преговорите и да добие покана за членство во НАТО на самитот летово. Ја поздравувам иницијативата на Бугарија за сè што прави за евроинтегративните и евро-атлантските аспирации на Македонија“, рече Иванов.