Претседателот Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление (Водици), упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.
Подолу интегрално ви ја пренесуваме честитката од шефот на државата:
Одбележувајќи го денот кога свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан го славиме нашето духовно раѓање. Радувајќи се на Христовото крштевање и осветувајќи ги македонските води ја продолжуваме традицијата на нашите предци и ја потврдуваме вербата во вредностите на покајанието и прочистувањето, како и споделувањето на добрина и љубов.
Македонската православна црква, негувајќи ја традицијата, религиозните и културните посебности, ни дава верба за да ги издржиме секојдневните предизвици и искушенија, залагајќи се за почитување на верските и духовните вредности. Прочистувањето на човековата душа значи празнување на убавите мисли и дела, човекољубие и милосрдие. Симболиката на чистината ја зацврстува нашата верба да продолжиме да ги почитуваме верските различности и религиозните посебности според христијанските начела за мир, заедништво и слога.
Ваше Блаженство, честитајќи Ви го празникот Богојавление (Водици), Ви посакувам добро здравје, духовен мир и спокој. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам мир, спокој и почитување на вистинските вредности.