Новинарката Ивона Талевска на државна сметка ја уплатила целата сума одредена во пресудата на Кривичниот суд за даночно затајување во случајот познат како „Тифани“, потврдија од судот за „Макфакс“.
Талевска во февруари годинава се изјасни за виновна, по што судот ја осуди на две години условна затворска казна за даночно затајување. Таа нема да оди во затвор ако во наредните четири години не направи ново кривично дело. На пресудата се жалеше СЈО, кое бараше новинарката да оди во затвор.
Талевска вратила повеќе од 27 илјади евра за затаен данок од шест години, уплатила 76.000 денари за вештачењето на СЈО, 1.000 евра како споредна штета и 2000 денари судски трошоци.
На осудената судот ѝ го врати пасошот кој и беше одземен како дел од мерките за претпазливост кои ги побара СЈО.
Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ за даночните 2008 – 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што одбегнала да плати 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.