
Исламската заедница во Република Македонија се солидаризира со Саудиска Арабија која била жртва на мразачи и сплеткари. Поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи му испратил писмо на кралот на Саудиска Арабија во кое му изразува поддршка во ситуација кога на меѓународно ниво еруптираше скандалот со новинарот Џамал Кашоги, кој беше свирепо убиен во саудискиот конзулат во Турција.
Ваше височество, овие денови слушаме вести дека сaканото големо кралство минува низ тешка ситуација од сплеткари и мразачи кои се собрале да му наштетат на кралството на Саудиска Арабија… Ние како Исламската заедница во Република Македонија и муслиманите во Македонија се солидаризираме со Саудиска Арабија против сите мразачи кои се обидуват да наштетат на нејзиниот исламски и меѓународен статус бидејќи кралството е Правецот на муслиманите, пишува меѓу другото поглаварот на ИВЗ во писмото испратено до саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на 17 октомври.
Реисот Реџепи потенцира дека Суаудсика Арабија отсекогаш го следела умерениот пат во исламот и му упатува честитки на кралот Салман поради, како што вели, доприносот на кралството на Саудиска Арабија предводена од неговото височество – за исламот и муслиманите во сите земји во светот, особено на континуираната поддршка на нашата земја и нашиот народ“.
Саудиска Арабија неочекувано се најде во тешка ситуација откако беше обелоденето дека саудискиот новинар Кашоги, инаку дописник на Вашингтон пост и критичар на ригидните политики на кралството, бил ликвидиран во конзулатот во Истанбул. Турските власти објавија дека по убиството телото на новинарот било исечено на делови и така изнесено од конзулатот, додека припадник на групата која го убила со часови се шетал низ Истанбул облечен во неговата облека, со лажна брада и очила. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со жестока казна за Саудиска Арабија ако се покаже дека Кашоги бил убиен по наредба од властите. Официјален Ријад подолго време молчеше за конечно да објави дека Кашоги навистина бил убиен во конзулатот, но дека тоа се случила при караница и тепачка со група луѓе која случајно била во дипломатското претставништво.