Изјавата на водечкиот лекар дека коронавирусот исчезнал од Италија предизвика негодување

Алберто Ѕангрило, директор на миланската болница „Сан Рафаеле“

Оцената на познатиот и еден од водечките италијански лекари Алберто Ѕангрило, дека новиот коронавирус исчезнал од Италија, односно дека „клинички повеќе не постои“, како и дека е дојдено времето да се престане беспотребни да се „тероризираат“ Италијанците, предизвика полемики во јавноста и негодување од страна на власта и стручњаци во земјата, како и од странство.

Во Италија бројот нови случаи на зараза со коронаврусот во понеделникот продолжува да се намалува вклучително и во Ломбардија, која беше најтешко погодениот италијански регион. Исклучок е Лигурија, каде што бројот на нови случаи се зголемува, според податоците што во понеделникот вечерта на редовниот брифинг ги соопшти Агенцијата за цивилна заштита.

Во Италија регистрирани се 178 новозаразени, што е најмала бројка од 26-ти февруари, наспроти ден претходно кога ги имаше 355. Од новозаразените 56 случаи се забележани во регионот Лигурија, додека во Ломбардија има 50 позитивни случаи. Оваа бројка секојдневно претходниот период варираше меѓу 300 и 500 заразени.

Бројот на починати како последица на Covid-19, исто така, e помал отколку во неделата, односно денеска има 60 починати наспроти вчерашните 75 смртни исходи, со што вкупниот број жртви од вирусот е 33.475 лица.

„Во стварноста вирусот повеќе клинички не постои во Италија“, изјави Алберто Ѕангрило, диретктор на болницата „Сан Рафаеле“ во Милано, во неделата вечерта во емисија на телевизијата RAI.

„Примериците земени во текот на последните десет дена покажуваат апсолутно мало количество на вирусот во однос на оние земени пред месец или два“, рече Ѕангриљо и додаде дека „време е да престанеме да ја тероризираме оваа држава“.

Ѕангриљо е познат како лекар на поранешниот италикански премиер, Силвио Берлускони. Коронавирусот во последните три месеца во Италија е причина за смртта на над 33.500 луѓе. Најпогоден беше токму регионот Ломбардија, во којашто работи лекарот.

„Додека ги очекуваме научните докази коишто го потврдуваат ова тврдење, ги повикувам сите оние кои се убедени во него да не сеат конфузија меѓу Италијанците“, коментираше државната секретарка за здравство Сандат Ѕампа.

Шефот на Националниот здравствен совет, Франко Локатели, пак, рече дека е „збунет“ од изјавата на Ѕангрило. „Само погледнете ги бројките на новите случаи секој ден и ќе видите дека вирусот и натаму циркулира низ Италија“, рече.

Директорот на престижниот римски институт „Spallanzani“ за заразни болести, Џузепе Иполито, исто така, тврди дека нема докази оти вирусот мутирал или ја загубил силата, а тврдењата на Ѕангрило го отрфлаат во понеделникот и научници од британските универзитети во Лондон, Глазгов и Ногингем.