Изјавата на Захариева за Тито е барање алиби за глупоста, рече Шилегов за бугарската ТВ Европа

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во интервју за бугарската ТВ Европа оценува дека шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева со своите ставови и изјави бара алиби за сопствената глупост.

Неговиот настап доаѓа по изјавите на Захариева дека не може држава која го чествува „еден од најмрачните диктатори“, Јосип Броз Тито, да има место во ЕУ, како и по нејзините забелешки дека Шилегов во петокот покрај Денот на ослободување на Скопје, одбележувал и 40 години од смртта на Тито.

Коментирајќи го ова, скопскиот градоначалник порачува дека таквиот став е глупост, а во Скопје не се случило ништо друго освен отворање изложба на поставка од белградскиот музеј за Тито.

„Изместувањето на тезите е всушност барање алиби за глупоста. Секоја глупост последователно бара алиби. Ставот на госпоѓа Захариева е ништо друго освен глупост. Сега, обидувајќи се да ја спаси позицијата на Бугарија, ќе се обидуваме да ги извртуваме тезите. Она што се случи во Скопје на 13, односно на 14 ноември е дека се отвори изложба која беше дојдена од Белград од поставката на постојниот музеј на Јосип Броз и ништо повеќе. Меѓутоа, сега, барајќи алиби за сопствената глупост, едноставно, ќе ги извртуваме тезите, ќе ставаме во контекст и ќе правиме обиди да објаснуваме необјасниви позиции на Република Бугарија во однос на почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за полноправно членство со ЕУ“, вели Шилегов.

Тој понатаму во интервјуто ги коментира и забелешките на водителот, кој констатира дека во ослободувањето на Скопје во 1944 година учествувале и бугарската војска, па го прашува градоначалникот дали за ослободувањето на Скопје се чествува и учеството на бугарската војска.

„Да се разбереме, Скопје го имаат ослободено партизанските единици на Народно-ослободителната војска на Македонија, придружувани или во дел од трансформираната бугарско-окупациска војска. Она што се случува во 1941 година е окупација на Македонија од страна на царската бугарска војска, која потоа во 1944, поради сплет на околности, се трансформирала во Отечествен фронт. Тоа се работи кои де факто се случиле и ние не треба околу тоа да мижиме, меѓутоа да се зборува дека окупаторите кои се трансформирале во Отечествен фронт биле дел од ослободување на Македонија, на Скопје, е непринципиелна позиција. Тие биле тука затекнати како окупациска војска и ја следеле глобалната политика што се случувала во Бугарија во тој период“, вели Шилегов, додавајќи дека секој треба да ја погледне сопствената позиција од поинаков аспект.

Коментирајќи ја позицијата со која се настојува Бугарија да не биде третирана како држава окупатор, туку како бугарска администрација, градоначалникот во интервјуто порачува дека неговиот град во тој период загубил околу 5 000 жители од кои 950, вели Шилегов, „во борби со администраторите, како што ги нарекувате вие“.

Негова констатација е дека ваквите ставови се во предизборен период во Бугарија, но смета дека, сепак, треба да се внимава.

„Разбирам дека Бугарија е во предизборие, разбирам дека во тоа предизборие веројатно се користат секакви аргументи, но мора да внимаваме на чувствата на соседите. Не мислам дека е принципиелна позиција да го оцрнувате својот сосед заради сопствени лични политички потреби. Замислете ние во кампања во Македонија да користиме антибугарски позиции. Недозволиво е“,

Во интервјуто тој ги нарекува „алиби за глупоста“ и забелешките на Бугарија дека во Северна Македонија се води антибугарска кампања. За реакциите во Северна Македонија вели дека се оправдани со оглед на ставовите на Захариева.

„Тоа е алиби за глупоста. Позициите што ги имаше госпоѓа Захариева се непринципиелни и сега ќе се обидуваме сопствената глупост да ја правдаме со различно алиби. Сѐ и сешто се изнаслушавме овде и сѐ и сешто се изначитавме. Дека македонскиот народ е создаден со декрет на Коминтерната. Јас не можам да прифатам дека е потребно декрет за вие лично да се чувствувате како Бугарин, треба некој документ да ви даде, да ви каже дека вие сте Бугарин?! Зошто мислите дека е потребен документ за мене, некој да ми каже дека сум Македонец?! Тоа се позиции што задираат во најинтимните чувствата на луѓето и реакциите се оправдани“,

На забелешката на водителот во однос на тоа како Бугарија би отстапила кога нејзината позиција е спакувана и во декларација од парламентот, но и на тоа дека Шилегов не користи многу дипломатски речник, градоначалникот возвраќа дека нема многу дипломатија ниту во бугарските барања.

„Некогаш во политиката и не треба да употребувате дипломатија, зар мислите дека е дипломатски мене да ми кажете дека моите корени се бугарски, дека мојот јазик е бугарски, а јас тоа не го чувствувам така?! Ако тоа го спакувате во добар збор, тоа не значи дека е добронамерно кажано. Она што треба да се направи е да се вратиме на позиции на Договорот за добрососедство. Договорот и меѓународното право во односите помеѓу државите не ги доведуваат во прашање националната припадност на народите и јазикот на кој зборуваат тие. Ако се вратиме на принципите на политиката, тогаш ќе немаме никакви проблеми. Долгорочно гледано, ова е лошо за Бугарија“,

Тој оценува дека Бугарија со своето однесување се враќа назад кон историјата, односно во периодот пред да биде потпишан Договорот и затоа порачува дека е потребно враќање на принципиелноста и на Договорот.

Шилегов прави и паралела со преговорите кои Северна Македонија ги имаше со Грција и констатира дека тие биле од сосема поинаков карактер.

„Има работи за кои едноставно не може да се зборува, неприфатливо е да се зборува. Не мислам дека кој било од вас би се чувствувал добро ако ние му ги спориме неговите бугарски корен. Еден човек, еден народ се создава низ историски процеси. На Балканот да разговараме за големи држави, големи народи, се политики кои секогаш го држеле во некаков немир. Она што сме должни да го направиме е да се повлечеме од апсолутните позиции. Јас не гледам каде би можела Република Северна Македонија, македонскиот народ да се повлече од позицијата дека е самостоен народ како што се создавале сите народи на Балканот“, рече Шилегов.

На крајот од интервјуто водителот го констатира и ставот на Бугарија која вели дека таа ќе го признае правото на самоопределување и на идентитет, а Северна Македонија треба да прифати дека Македонците имаат бугарски корени.

„Нели е тоа лесно за признавање“, праша водителот.

„Ајде вака. Ако имавте поинаква позиција и ние бевме членка на ЕУ и кажевме ’да, можете да преговарате само ако кажете дека вашите корени се македонски‘. Дали е тоа добра позиција, како ќе се чувствувате вие?“, прашува Шилегов, на што водителот рече дека нема да одговори.