Како што информира на „Фејсбук“ техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, кај 35-годишникот пронајдени и одземени биле еден мобилен телефон и повеќе листови, на кои рачно имало напишано список од речиси 250 лица со лични податоци и матични броеви.
„На информативен разговор во просториите на СВР Велес од страна на лицето било посочено дека тој ги направил списоците по претходна насока од друго лице, блиско до локалното раководство на владејачка партија во Велес. На списоците имало име и презиме и матичен број од лица од ромска националност, кои би гласале за политичката партија, а за возврат би добиле финансиски средства“, посочува Чулев, кој во објавата додава дека ваквите насоки на лицето му биле дадени пред речиси една недела, а за реализација на тоа му била ветена материјална корист.
Од страна на СВР Велес, во координација со ОЈО Велес, се преземаат дополнителни мерки и активности во насока на целосно расчистување и документирање на настанот, како и утврдување на евентуалната вмешаност на други лица, по што ќе следува соодветна кривична пријава.