Избори се излез од македонскиот политички ќорсокак

Влегувањето на Бугарите во Уставот на Македонија ја фрли земјава во мачен политички ќорсокак. Влез во Европската унија сакаме сите, но не тоа да биде понижувачки, како што беше нашиот влез во НАТО. Очигледно за власта во земјава, предводена од Димитар Ковачевски и Али Ахмети, е исто така многу важно Македонија да влезе во ЕУ. Но, за нив не е воопшто важно како ќе се случи тоа. Како што не беше важно и за Зоран Заев како ќе влеземе во НАТО. Ковачевски и Ахмети ја туркаат земјава кон ЕУ, но измачена и понижена. Патот кој тие го трасираат за Македонија кон ЕУ е трнлив. Не ја бива нивнава работа. А, не сакаат ниту да го чујат гласот на мнозинството. Со своите досегашни дејанија, СДСМ и ДУИ ја доведоа Македонија во еден ќорсокак.

Излез секако дека има. Една од опциите јавно ја понуди и американскиот амбасадор во Македонија, Анџела Агелер. Таа јасно кажа дека ги охрабрува „граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“.

Избори се вистинскиот начин граѓаните да дадат до знаење дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Изборите се излезот на Македонија од ќорсокакот во кој ја втурнаа Димитар Ковачевски и Али Ахмети, односно СДСМ и ДУИ. За нив, рака на срце, изборите се најнеприфатливата опција, зошто се сигурни губитници. Така барем велат сите досега објавени истражувања на јавното мислење. Но, ако навистина толку многу сакаат Македонија да стане член на Европската унија, како што тоа секојдневно јавно го говорат, тогаш нека соберат храброст и нека го покажат тоа на дело. Нека распишат предвремени парламентарни избори, па граѓаните, како што вели Агелер, ќе им дадат до знаење на политичарите дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Во спротивно, односно ако не распишат избори, СДСМ и ДУИ ќе докажат дека само ги интересира власт, функционерски фотељи и тендери. Ништо повеќе.

Најважното за граѓаните не е Македонија да стане член на ЕУ само на хартија. Најважното е Македонија да почне да ги достигнува стандардите и нормите на земјите членки на ЕУ. Економските, правните, социјалните, образовните, здравствените, транспортните, земјоделските…

Тоа е она што најмногу го посакуваат сите граѓани на оваа напатена земја. И Македонци, и Албанци и Турци и Власи, и Срби и Бошњаци и Црногорци и Хрвати и Роми, а богами и Бугари.

А, факт е дека тоа СДСМ и ДУИ неможат да го овозможат. Својата неспособност ја покажаа и докажаа во изминативе години на своето владеење. Попусто допрва ќе трошат еден куп народни пари за пропаганди. Нема никого да убедат во ништо. Тешко им паѓа фактот дека нивното владеење завршува, но овојпат нека направат жртва за повисоки цели, за подобро утре на граѓаните, за подобро утре на Македонија. Нека направат чекор кој ќе ги оддалечи од политичкото буниште.

Автор: Дејан Николовски