Изборниот законик ќе се менува, но изборниот модел останува ист

На предвремените парламентарни избори на 12-ти април догодина ќе има нови правила на гласање и избор на пратениците, но моделот според којшто кандидатите ќе добијат место во Собранието останува ист.

Работните групи на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ го усогласиле текстот на предлог законот за измени на Изборниот законик на последната средба и се очекува истиот многу скоро да влезе во собраниска процедура.

„Неделава имавме сите средба, и политички партии, невладините организации и меѓународни организации и веќе сме усогласиле текст на предлог-закон кој што во себе ги инкорпорирта сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР од последните три изборни циклуси претседателски, локални избори и референдум и во тој предлог не се дискутира околу изборен модел“, вели Артан Груби од ДУИ.

Според него, апсурдно е да се дискутира за промена на изборен модел на пет месеци пред предвремени избори

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби вели при овие средби воопшто не станало збор за измени на изборниот модел бидејќи договорените избори се за само пет месеци.

Иако се најавуваше можност за промена на изборниот модел, сепак тоа не се случи бидејќи партиите и во текот на преговорите останаа на своите различни ставови за тоа како во иднина треба да се бираат пратениците. Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека мнозинскиот модел и 120 изборни единици  е најдоброто решение.

„Без разлика дали ќе се прифати нашиот предлог или ќе остане на ова што сега го имаме како изборен модел исто  така не треба да забораваме дека менување на изборен модел на закажани и договорени избори на неколку месеци од сега од правна гледна точка и од аспект на граѓаните исто така во моментов сметаме дека не треба да се случи. Меѓутоа секако дека она што го предлагаме го оставаме како една отворена врата да продолжиме со разговорите, нормално ако најдеме заеднички јазик, онака како што е правено секогаш во минатото со консензус помеѓу политичките партии истото да се случи и во идниот период“, вели генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев.

И останатите партии имаат своите предлози за измени на изборниот модел. Алијанса за Албанците предлага да се формираат осум изборни единици наместо досегашните шест.