Изборот на кадри за АНБ компромитиран од самиот почеток

Процесот на селекција на кадри кои ќе ја сочинуваат новата Агенција за национална безбедност, во јавноста е проследен со многу шпекулации и скандалозни обвинувања за евентуален конфликт на интереси при вработувањето во оваа институција.

Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во Фејсбук статус посочува дека процесот на селекција го поминале брачни парови, чичко и внука, мајка и ќерка, мајка и син, брат и сестра и уште многу други сомнителни случаи.

„Со АНБ (Агенцијата за национална безбедност ) наместо кредибилна и ефикасна институција, која би била респектибилен партнер на модерните безбедносни служби на нашите сојузници, добиваме институција која што од самиот старт има нарушен кредибилитет.

Според сознанијата со кои располагаме процесот на селекција го поминале брачни парови, чичко и внука, мајка и ќерка, мајка и син, брат и сестра и уште многу други сомнителни случаи. Информациите кои дојдоа до нас велат дека Државната комисија и укажала на тоа дека во конкретниот случај постои потенцијален судир на интерес, односно службените лица кои биле дел од процесот на селекција имаат приватен интерес што би можело да се доведе во судир со нивната службена должност во иднина, по што согласно член 72 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, секое службено лице во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.

Овие забелешки на ДКСК се целосно игнорирани.

Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми.

Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ.

Според мене имаше неколку клучни моменти врз основа на кои се направи ваков избор, односно не се постапи согласно новиот закон за АНБ.
Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето.
Исто така од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање.

Клучен момент при селекцијата беше и оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени. Тука беше спорен и кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување. Од тоа произлезе субјективноста при оценувањето која сериозно влијаеше на изборот на кандидати.

За сите овие пропусти навремено реагиравме во текот на процесот на селекција.

Доколку постои искреност во намерата за реформи во безбедносниот сектор, тогаш сметаме дека е неопходно е да се ревидира процесот на селекција на кандидатите за влез во Агенцијата за национална безбедност. Исто така потребно е да се формира нова комисија, бидејќи постојната веќе го загуби кредибилитетот, но и да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на кандидатите“, напиша Ѓорѓиевски.