Адвокатите на судењето на Доналд Трамп во Њујорк избраа дванаесет членови на поротата кои ќе одлучуваат за неговата вина за поткуп, а воведните изјави би можеле да се одржат во понеделник, изјави судијата Хуан Мерчан.
„Ја избравме поротата. Да ги избереме уште и нивните замени“, рече судијата Мерчан.
Кога новите поротници положија заклетва да ја проценат вината на „фер и непристрасен“ начин, Трамп не ги отргна очите од нив, пренесува Reuters.
Првиот поранешен претседател на САД кому му се суди на кривичен суд, Доналд Трамп, кој се надева дека ќе се врати во Белата куќа во 2025 година, од понеделник мораше да присуствува на изборот на поротата.
На првиот ден од историското судење на поранешниот претседател, судијата Хуан Мерчан им рече на 100-те потенцијални поротници дека мора да ги остават настрана сите предрасуди или лични ставови за обвинетиот или случајот, вклучувајќи ја и „политичката ориентација“. Најмалку 50 беа отпуштени во понеделникот откако рекоа дека не можат да бидат непристрасни во судењето на републиканскиот претседателски кандидат. Судењето го напуштија и оние кои рекоа дека не можат да ја извршуваат таа должност од други причини.
На помалку од седум месеци пред претседателските избори во ноември, на републиканскиот кандидат му се суди за обид да го купи молкот на поранешна порно ѕвезда неколку дена по изборите во 2016 година на кои тој ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон.
Обвинителите на сојузната држава Њујорк, сите демократи, го обвинуваат за фалсификување документи за да ја прикрие исплата од 130.000 долари кон крајот на претседателската кампања во 2016 година за да купи молчење од порно ѕвездата Сторми Даниелс за нивната кратка афера во 2006 година, за која таа тврди дека се случила, а Трамп негира.
Поранешниот американски претседател го нарече кривичното судење кое започна во Њујорк политички прогон без преседан и го обвини актуелниот шеф на државата Џо Бајден за вмешаност во него. Трамп се изјасни за невин и тврди дека, како и во другите судски постапки против него, е прогонуван од политички причини.
Иако некои правни експерти сметаат дека судењето е најмалку важното од четирите кривични постапки против Трамп, тој е единственото што ќе се одржи пред претседателските избори на 5-ти ноември.
Повеќе од три години по напуштањето на Белата куќа, Трамп може да биде осуден на затворска казна. Тоа нема да го спречи да биде претседателски кандидат на изборите на 5-ти ноември, на кои сака да му се реваншира на Бајден, но судењето може да ја сврти кампањата во непознато.