Изетбеговиќ најави тужба против Хрватска поради Пељешки мост

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, вчера најави тужба против Хрватска поради почетокот на изградбата на Пељешки мост, затоа што смета дека на овој начин се загрозува суверенитетот на БиХ и нејзиното право на пристап до отворено море.

Најавата дека Хрватска ќе почне со изградба на Пељешки мост, игнорирајќи го противењето на надлежните институции на Босна и Херцеговина и одредбите од Конвенцијата на ОН за правото на море, е флагрантно загрозување на сувереното право на БиХ за пристап на отворено море, рече Изетбеговиќ во соопштението.

Тој рече дека Хрватска „повеќе од 12 години избегнува со БиХ да постигне договор за разграничување, кој мора да му претходи на остварувањето на правото на Хрватска да ги поврзува своите територии и на остварувањето на правото на пристап на БиХ кон отворено море“.

Тој вели дека претседателството на БиХ во 2007 година донело заклучок и со официјален документ побарало од Хрватска да ја запре изградбата на Пељешки мост додека не се решат отворените прашања во врска со идентификацијата на морската гранична линија и пристапот на БиХ до отворено море.

Иако хрватските институции цело време беа запознаени со недвосмислениот став на Босна и Херцеговина, Хрватска при аплицирањето за средства за изградба на Пељешки мост ја информираше Европската комисија дека нема никаков спор со БиХ, што е ноторна невистина. Затоа ќе биде потребно БиХ да ги заштити своите права пред меѓународните институции. Заштитата на суверените права на БиХ не е прашање на еден човек или еден народ, туку уставна и законска обврска на сите претставници и институции на БиХ, рече Изетбеговиќ.

БиХ, особено бошњачките политичари, сметаат дека со изградбата на Пељешки мост Хрватска ѝ го оневозможува на Босна и Херцеговина пристапот до отворено море кај Неум, на кој таа има право според конвенциите на ОН.