Изгласани измените во Законот за Судски совет

Собранието на Република Македонија во рамките на 22-та седница во четвртокот со тесното мнозинство од 61 присутен пратеник кои сите гласаа „за“ и без расправа ги донесе измените на Законот за Судскиот совет, по скратена постапка.

Целта на измените е да се префрли надлежноста што досега ја имаше Советот за утврдување на факти при утврдувањето на одговорноста на судиите на Судскиот совет што произлезе од сите досегашни препораки од Венецијанската комисија и извештаите на Прибе.

Согласно препораките, оваа надлежност припаѓа на Судскиот совет, а не на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за одговорност на судија, поради што се предлага и негово укинување по скратена постапка.

Поради поврзаност на двете преостанати точки на дневниот ред со донесените измени и неопходноста прво да се објават во Службен весник претседателот на Собранието ја прекина седницата.

Претходно на почетокот на седницата свечена изјава даде новиот министерот без ресор Аксел Ахмедовски, кој доаѓа на местото од неговиот сопартиец Самка Ибраимовски, кој се повлече од должноста за да стане пратеник.