Изгоре материјал за поставување канализација во Јегуновце

Во пожар изгореа околу 200 пластични цевки за канализација и материјал за нивно монтирање вчера во тетовско селото Јанчиште при општина Јегуновце. Нема повредени лица при пожарот што се случил околу 19 часот.

-Во близина на детски парк во селото Јанчиште две деца запалиле оган што се префрлил на материјал за поставување на канализациски цевки сопственост на општина Јегуновце. Поради огнот изгорени се над 200 пластични канализациски цевки и други предмети што се материјали за поставување на цевките како спојки, гуми, шахти и слично. Воедно од огнот изгорела дрвена бандера, а пожарот зафатил и дел од куќа, соопшти денес СВР Тетово.

Со интервенција на тетовската противпожарна единица целосно е локализиран пожарот. Подоцна увид на местото извршиле стручните служби при тетовската полиција.