Потресни фотографии од изнемоштен коњ во дворот на OУ „Димитaр Пoп Геoргиев Берoвски” вo нaселбa Ѓoрче Петрoв, предизвикаа лавина осуди и негативни коментари на социјалните мрежи, пред се’ за неодговорноста на надлежните кои дозволуваат и не санкционираат изживување со животното, кое според очевидци се случувало многу често, но и поради фактот што сето тоа се случува во дворно место на образовна институција.
Според граѓанското здружение „Анима Мунди“, сопственикот на животното имал навика, да купува коњи и да ги изнемоштува до смрт, за потоа со нив да храни кучиња кои ги подготвувал за борби, што пак, претставува кривично дело за кое се одговара по закон.
Насилникот има уште еден коњ кому ќе му дојде редот после. Иако граѓани реагирале, иако е обезбедено возило за транспорт на коњот и му е дадена инфузија по што се исправил, собрал малку сила, иако е повикана полиција за да се одземе и спаси немоќното животно; иако нашиот адвокат разговараше со полицијата и ги информираше дека ова лице злоупотребува животни, учествува во борби со кучиња и во моментот но и претходно го крши кривичниот закон, полицијата го заштити оној кој овој коњ денес ќе го заколе, и кој егзистира пред нивни очи од борби со кучиња, се вели во реакцијата од „Анима Мунди.
Од полицијата, пак, велат дека тие не се надлежни да го решат проблемот. Едноставно, може да реагираат по поплака и да му посочат на сопственикот на коњот да го врати животното во својот двор. Одговорноста за тоа што е дозволено да се чуваат вакви домашни животни во урбана средина ја префрлаат на комуналните инспекции кои треба тоа да го контролираат.
Вчера околу 20 часот во полициската станица „Ѓорче Петров“, добивме поплака од OУ „Димитaр Пoп Геoргиев Берoвски” дека во училишниот коњ е оставен коњ. Полицијата излезе на терен и го предупреди сопственикот на животното да го тргне од таму . Тој го сторил тоа. Немаме друга поплака за овој случај, ниту пак некој пријавил дека сопственикот на животното учествувал во борба со кучиња, велат од полиција.
Додека се префрла топката кој е одговорен и надлежен да спречува вакви појави, легитимно се поставуваат прашања за многу битни аспекти на законски пречекорувања, како кривична одговорност за измачување животни, кршење на комуналниот ред за чување животни во урбани средини, па и недоволно обезбедуван простор на образовна установа, за кој се разбира некој треба да сноси голема одговорност.
Од општината се оградуваат од одговрност
Од општината, под чија надлежност е училиштето, го осудуваат нехуманиот третман на животното, но, се оградуваат од одговорност, бидејќи велат дека и самите неколку пати пријавиле во полиција, а чуварот на училиштето веднаш штом го забележал коњот во дворот, го сторил истото.
Но, не знам зошто сега е виновна општинската служба , како што наведуваат дел од порталите кога општината реагирала веднаш од кога е забележан коњот во дворот. Општинарите и директорот на училиштето лично се обратиа до полицијата штом добија сознанија за настанот, а полицијата веднаш излегла на лице место, ја констатирала состојбата и земела податоци од сите инволвирани страни. Коњот истиот ден е оставен во дворот и истиот ден е однесен од дворот. Во нашиот разговор со активистите од друштвото за заштита на животни „Анима-мунди“ дознавме дека коњот немал скршена нога, како што првично беше објавено туку исцрпеноста и некои внетрешни заболувања и возрасдта го довеле животното во таква состојба.
Срамно е што тој, бездушникот, така наречениот сопственик на коњот дури насилнички се однесувал со активистите и таму присутните новинари. Општинското обезбедување на лице место реагираше соодветно. Наводниот сопственик кој по се изгледа едвај чекал животното да пцовиса, првин се сложил животното да биде подигнато и однесено на соодветно место каде што ќе му се пружи помош за негово заздравување но потоа го сменил мислењето и ситуацијата станала тензична.
Полициската парола повторно се вратила на местото на настанот и наложено му е на В. П. коњот да го префрли во својот двор. Тоа и се случило.
Општината помага секогаш кога треба во рамките на своите можности, решавај ќи ги проблемите во најкраток можен рок. Добро е што многумина граѓани свесни за своите граѓански обврски се јавуваат па дури и лично поднесуваат жалби и поплаки за одредени неправилности, вели портпаролот на општина Ѓорче Петров, Момо Николовски.
Според него, ваквите проблеми и нехумани третмани кон животните се случуваат насекаде низ земјава и најефикасен начин да се стави крај на тоа се повисоки казни за сторителите, односно да се има строга законска регулатива.
Со укори, опомени и прекршочни казни ништо нема да се подобри ни во иднина. За жал нашата свест за односот кон животните е далеку од висока. За жал, вели Николовски.
Закон за чување животни во град има, но казни нема
Долгогодишен проблем кој им е добро познат на скопјани е дека забрана за чување животни во урбани средини има, но, казни нема.
Постои Одлуката за комунален ред која е во согласност Законот за комунални дејности, и според според кој е забрането чување стока и живина во град, но во законот не се предвидени казни.
Единствено според Законот за јавна чистота е предвидена казна за напасување домашни животни на јавни површини.
Градските инспектори најчесто интервенираат кога се напасуваат коњи. Инспекторите излегуваат на терен и опоменуваат, но не казнуваат.
Локалните власти имаат право да казнуваат само ако се напасува добиток на јавни површини и ако таму се оставаат фекални остатоци. Ефектите од „предупредувањата“ се слаби, бидејќи комуналните инспектори немаат законска основа да им го одземат животното од сопствениците.