Во Министерството за труд и социјална политика, МТСП, во тек е изготвување на новите измени во Законот за работни односи, чие конечно донесување се предвидува да биде до крајот на годинава.
Според информации од МТСП, еден од предлозите на Владата е со новите законски измени да се овозможи намалување на работното време за повозрасните работници без притоа тие да имаат намалување на износот на платата.
Имено, се предлага, жените со навршени 60 години старост да работат 6 часа, но да ја
задржат целата висина на платата, сѐ до остварувањето на правото за пензија, на 62 години. Истото ќе важи и за мажите работници, со навршени 62 години возраст, сѐ до нивна 64 годишна возраст кога законски заминуваат во пензија.
Дополнително, во овој котекст на измените, се планира воведување на можност, државата да субвенционира ангажман на млади, невработени кадри кои ќе ги заменуваат, односно ќе ги доработуваат преостанатите 2 часа од работното време, кое законски е утврдено на 8 часа дневно, односно 40 часови неделно.