Владата на воведува сериозна реформа во рамки на кривичниот законик со која граѓаните ќе бидат во еднаква положба пред судовите односно за исто кривично дело ќе биде изречена иста затворска казна.
Досега во рамки на кривично правниот систем се забележани голем број на аномалии кои ги доведуваа граѓаните во нееднаква положба пред судиите.
„Во однос пак на подрачјето на изречените казни: за кривичното дело Тешка кражба апелационите судови во Гостивар и Штип изрекувале два пати помали казни од апелационите судови во Скопје и Битола, за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување просечната казна која се изрекува во Гостивар е три пати пониска од просечната казна која се изрекува во Штип, за кривичното дело Загрозување на безбедноста во сообраќајот во судовите во Скопје и Штип се изрекуваат затворски казни, а во Битола и Гостивар не се изрекуваат затворски казни, за кривичното дело Кражба просечната казна во скопското апелационо подрачје е значително повисока од просечните казни кои се изрекуваат за истото дело во Битола, Гостивар и Штип“, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев објаснувајќи ги резултатите од анализата на состојбите во судството.
Заради надминување на наведените слабости, вели Ѓорѓиев, се наметна потребата од креирање инструменти за воедначување на казнената политика при изрекувањето на казните во сите судови во државата.
Беше проценето дека ова ќе биде постигнато со донесување на Правилник за начинот на одмерување на казните, кој што Правилник претставува централна тема на ова реформа. За овој пристап и реформа во подолг период се правеа консултации на Владата, Министерството за правда, судовите и обвинителството и се заклучи дека ваквиот пристап е најсоодветен и ја има поддршката од сите субјекти во сферата.
Според измените во кривичниот законик, претседателот на Врховниот суд ќе ги донесува условите за пресудите по претходно мислење од адвокатската комора.
„По стапувањето во сила на овие измени во рок од 30 дена претседателот на Врховниот суд ќе треба да го донесе правилникот со кој ќе се спречи или стесни просторот за манипулации и некоректно однесување на било која странка во едно судење“, истака Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев додаде дека тоа се сериозни чекори за подобрување на оваа материја со која Македонија ќе претставува лидер во судството не само во регионот, туку и пошироко.