Измените на Кривичниот законик не се амнестија или пазар за уставните измени, тврди Ковачевски

Измени во Кривичниот законик во замена за гласови за измени на Уставот се шпекулација, нема никаков пазар туку усогласување со европското законодавство. Со измените во Кривичниот законик ќе има многу поголема ефикасност и ефективност во правосудството и судските процеси, ќе се избегне можноста за застарување на делото и ќе се отвори врата кон конфискација на имот стекнат со нелегални средства, тврди премиерот Димитар Ковачевски

„Промените кои беа изгласани е усогласување со ЕУ директивата 42 од 2014 година во која се предвидува проширена конфискација во дела кои се казниви согласно Кривичниот законик. Има измени во еден општ член, член 353 кој многу се експлоатира во јавноста. Ова е во насока на зголемување на ефикасност и ефективноста, зголемување на бројот на казниви дела и фреквенција на казните а не само на должината на казните во правосудниот систем бидејќи што вреди ако 100 луѓе направиле злоупотреба а само еден е казнет. Ние не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19 век и комунистички режим“, изјави премиерот Ковачевски.

Со измените не е предвидена ниту амнестија ниту помилување.

„Ова не значи никакво помилување или амнестија за никого. Тоа го потврди и претседателот Пендаровски кој е правник. Измените се конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил. Има конкретно дело во Кривичниот законик – казнивост за злоупотреба при организирање на јавни набавки. Во минатото сите услови се водеа под општ член злоупотреба на службена положба. Сега се конкретизира што точно лицето направило. Казната е побрза и следува проширена конфискација. Постапките траат со години, притворите траат со години. Граѓаните се прашуваа каде е конфискацијата. Овие измени се токму за тоа. Никаде во законот нема амнестија“, тврди Ковачевски.

Отворањето на Уставот е друг процес кој е одговорност на овој пратенички состав и не станува збор за никаков пазар.

„Ако беше некаков пазар, а не е, тогаш на друг начин ќе се одвиваше целата постапка. Сите се согласни во едно, државата мора да го усогласи законодавството со ЕУ и ова е чекор кон усогласување во делот на Кривичниот законик. Пратениците во Собранието одлучуваат согласно мандатот кој го имаат добиено и сметам дека главната одлука која овој состав ја има е давање на глас за Европа и продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Процесот го почнавме и беше поздравен од сите стратешки партнери од САД и ЕУ“, рече Ковачевски.