Собраниската Комисија за здравство попладнево на седница даде поддршка на предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, по скратена постапка во второ читање поднесен од пратениците Ненад Коциќ, Кастриот Реџепи, Арбер Адеми, Бети Рабаџиевска Наумовска, Белкиса Зеќири, Емилија Рамбабова.
Со предложените решенија ќе се овозможи создавање на законски претпоставки за издавање одобрение за ставање во промет на вакцините против ковид-19 кога подносителот на барањето нема седиште на територијата на Република Северна Македонија, како и за издавање на условно одобрение за ставање во промет во случај кога барателот кон барањето не ја доставил целокупната документација согласно членот 20 од Законот за лековите и медицинските средства.
Предлагачите во образложението наведуваат дека од моменталната ситуација на светско ниво предизвикана од коронавирусот потребно е итно да се заштити населението со ефективни вакцини против ковид-19 со кои ќе се намалат штетите кои ги предизвика вирусот ковид-19 и ќе се заштитат економиите на глобалано ниво. Според нив заради намалување на штетите од коронавирусот ковид-19 владите низ целиот свет го финансираат развојот на вакцини и склучуваат билатерални договори со
производители на вакцини. Наведуваат дека заради сигурност и заштита на македонските граѓани Владата на Република Северна Македонија е должна во најкус можен рок да им обезбеди вакцини на граѓаните против ковид-19