Измените на Законот за попис помина во Комисијата за европски прашања, не е прифатен ниту еден амандман

Во Собранието доцна попладнево Комисијата за европски прашања ја заврши расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис.

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми, кој претседава со оваа комисија, за МИА изјави дека само до 15 часот биле доставени повеќе од 100 амандмани од Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и три од Левица, но ниту еден не прифатен.

За амандманите од Алијанса и Алтернатива Адеми вели дека не се прифатени, оти биле неуредно доставени.

„Сто и еден амандман беа доставени до 15 часот, имаше и други по 15 часот, а сите од формален аспект не беа уредни. Како претседател на Комисијата за европски прашања добив писмо, известување од претседателот на Собранието Талат Џафери дека дел од амандманите не се уредно доставени бидејќи биле запишани имињата на пратениците од опозицијата, а во најмногу од нив, потпишани само од двајца или од еден пратеник, а треба од сите наведени имињата на партениците. Поради овие причини претседателот така одлучи, добив известување и сме обврзани да го почитуваме“, изјави Адеми.

Левица доставила три амандмани кои според Адеми биле уредно доставени, но, не биле поддржани од членовите на Комисијата.

Адеми најави дека утре за измените на Законот за попис ќе расправа Законодавно-правната комисија.

На веб-страницата на Собранието, оваа седница е закажана за утре во 10 часот.

Според него, постои можност утре да се одржи пленарна седница за одложување на пописот.

Со измените на Законот за попис се предлага одложување на пописот за септември.