Израел го напаѓа југот на Газа додека Вашингтон се обидува да договори примирје

Офанзивата на Израел и натаму е фокусирана на јужниот дел на палестинската енклава Појасот Газа, додека главниот американски дипломат на турнејата на Блискиот исток се обидува да постигне примирје во четиримесечната војна.

Израел соопшти дека неговите сили убиле десетици палестински вооружени лица во Газа во изминатите 24 часа, а борбите се фокусирани на Кан Јунис на југот од енклавата.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се упати во египетската престолнина Каиро на состаноци со тамошните функционери, откако престојуваше во Саудиска Арабија во понеделникот во неговиот последен обид да ја разреши блискоисточната криза.

Палестинците се надеваат дека ќе постигнат примирје пред израелските сили да го нападнат јужниот дел на Газа, каде што повеќе од милион жители на Газа побараа засолниште.

Блинкен го напушти Ријад во мугрите по маратонски ден на разговори во Египет и Катар пред да полета за Израел.

Вашингтон бара договор кој ќе обезбеди ослободување на преостанатите заложници киднапирани од Хамас во нападот на 7-ми октомври врз јужен Израел. САД го гледаат ова како клучно за постигнување напредок на пошироките предизвици како што е повоеното владеење со Газа.

Катарските и египетските посредници му доставија понуда за примирје на Хамас минатата недела. Сега се очекува одговорот на милитантите кои претходно изјавија дека сакаат дополнителни гаранции дека израелскиот напад врз Газа ќе престане.

Министерството за здравство на Газа во вторникот соопшти дека најмалку 27.585 Палестинци биле убиени во израелска копнена и воздушна офанзива, а се стравува дека илјадници други се затрупани под огромните урнатини во густо населената енклава. Околу 107 од нив биле убиени во последните 24 часа, соопшти Министерството. Израел објави дека 226 негови војници биле убиени од почетокот на копнената офанзива на 27-ми октомври.

Во вторникот, израелските сили продолжија да вршат притисок врз Кан Јунис, кој со недели беше во фокусот на офанзивата. Тие бомбардираа цели од земја и од воздух во текот на ноќта, при што шест лица загинаа во воздушен удар врз стан, изјавија за Ројтерс палестински жители и здравствени работници.

Тие тврдат дека израелските тенкови и авиони продолжиле да ја напаѓаат и опсадуваат областа околу главните болници на Кан Јунис – „Насер“ и „Ал-Амал“. Израелската војска ги обвинува борците на Хамас дека користат болнички објекти како покритие, што владејачките милитанти во Газа го негираат.

Рафах, последното палестинско прибежиште на југот во близина на границата со Египет, беше цел на неколку израелски воздушни напади и гранатирање со тенкови.

Во градот Газа, во северниот дел на крајбрежна енклава, жителите рекоа дека Израелците извршиле воздушни напади. Повторно избувнаа борби во градот Газа два месеци откако Израел соопшти дека ја освоил областа.