Израел го тресе скандал со прислушување преку шпионски софтвер

Израелскиот министер задолжен за полицијата изјави во понеделникот дека ќе биде основана државна истражна комисија откако израелски медиум објави дека израелската полиција незаконски користела шпионски софтвер против соработниците на поранешниот долгогодишен премиер Бенјамин Нетанјаху и други јавни личности.

„Pegasus“, алатката за хакирање на паметните мобилни телефони која ја креирала израелската компанија „NSO Group“, бил користен со цел да се „собираат податоци и пред да е отворена каква и да е истрага против тие цели и без судски налози“, објави весникот Calcalist (што од хебрејски се преведува приближно со The Economist).

Меѓу тие цели биле и синот и двајца помошници на поранешниот премиер Нетанхају, на кој сега му се суди под обвинение за корупција, потоа уште еден сообвинет и неколку очевидци, како и двајца поранешни функционери, наведува весникот.

Адвокатите на Нетанјаху бараат постапката против него да биде суспендирани додека не биде разјаснет написот во Calcalist, а министерот за внатрешна безбедност Омер Барлев изјави дека ќе формира истражна комисија за целосно да се истражат овие обвинувања.

„Нема да има такви пропусти под мојата палка“, порача Берлев.

Полицијата спроведува интерни истраги и одговара на прашањата на парламентарните комисии откако Calcalist во јануари објави дека нејзините иследници го користеле софтверот „Pegasus“ против израелски граѓани, понекогаш и без налог.

Актуелниот израелски премиер Нафтали Бенет немал коментар за медиумите, но најмалку тројца министри побарале независна истрага, како и синдикатот на новинарите. Загриженост изрази и претседателот Исак Херцог, кој побара и натамошна истрага.