Израел и Хамас наклонети на преговари за продолжување на примирјето

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас што овозможи ослободување на заложниците, затворениците и испорака на помош за Појасот Газа влегува во четвртиот и последен ден во понеделник, при што двете страни се подготвени да го продолжат.

Ноќта кон понеделникот вооруженото палестинско исламистичко движење соопшти дека „се обидува да го продолжи примирјето“ по истекот на четиридневниот рок „со цел да ослободи повеќе затвореници“. Извор близок до Хамас изјави за AFP дека движењето им ја пренело на посредниците подготвеноста за продолжување на прекинот на огнот за „два до четири дена“.

Договорот, постигнат со посредство на Катар, со поддршка на Египет и САД, стапи на сила во петокот и со него е одредено ослободување на 50 од околу 240 заложници земени од Хамас во замена за ослободување на 150 палестински затвореници од затворите во Израел. Според договорот еден заложник за тројца затвореници, оттогаш се ослободени 39 заложници и 24 заложници надвор од рамката – главно тајландски државјани кои работеле на фарми во јужен во Израел – и 117 палестински затвореници, главно деца, тинејџери и жени, се ослободен од израелските затвори.

Една од точките на договорот предвидува продолжување на прекинот на огнот со цел секојдневно ослободување на десет нови заложници од рацете на Хамас во замена за триесетина палестински затвореници. Според Катар, која е посредник, би било можно продолжување на прекинот на огнот за уште шест дена. Британски BBC јавува дека, според некои информации, преговорите со посредство на Катар и Египет продолжуваат.

Неименуван палестински претставник изјавил за BBC дека можат да ослободат уште 20 до 40 израелски заложници.

„Одредбите предвидуваат ослободување на десет заложници дневно“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но тој исто така предупреди дека по завршувањето на примирјето, Израел ќе продолжи да ја исполнува својата наведена цел: „да го елиминира Хамас и да обезбеди Појасот Газа повеќе нема да биде како што беше“.

За продолжување на примирјето во неделата се изјасни и американскиот претседател Џо Бајден.

Израелскиот премиер, кој во понеделник треба да побара „воен буџет“ од 30 милијарди шекели (7,3 милијарди евра), повика на „победа“ во неделата кога ги посети војниците во Газа, што е прва посета на претставниците на израелската влада на енклавата по едностраното повлекување од палестинската територија во 2005 година.

Израел ја започна офанзивата на Појасот Газа по нападот без преседан на Хамас на југот на Израел, во кој на 7 октомври загинаа 1.200 лица од кои 900 цивили и беа земени 240 заложници во Газа. Израел уште истиот ден одговори со непрекинато масивно бомбардирње на палестинската енклава уништување на Хамас, кој е на власт во Газа, а на 27 октомви започна и копнена офанзива против северната енклава. За седум недели биле убиени 14.854 Палестинци, од кои 6.150 се биле малолетни. Палестинската цивилна одбрана наведува 7.000 лица како исчезнати.

Четиридневното примирје е првиот прекин на огнот во седумнеделните борби, тоа му овозможи на населението во Газа да одмори, но хуманитарната ситуација е „опасна“, а потребите на населението „се без преседан“, наведува агенцијата на ОН. за палестинските бегалци (UNRWA). Од вторникот во Појасот Газа влегоа 248 камиони натоварени со хуманитарна помош.

„Треба да испраќаме по 200 камиони дневно најмалку два месеца за да ги задоволиме потребите“, изјави за AFP портпаролот на UNRWA, Аднан Абу Хасна, нагласувајќи дека „нема ниту вода за пиење ниту храна“ во одредени сектори.

Израелската армија смета дека третина од северниот дел на Појасот Газа е воена зона и му нареди на населението да се пресели на југ, забранувајќи им на луѓето да се вратат додека трае прекинот на огнот.

И покрај ова предупредување, илјадници жители на Газа го искористија прекинот на огнот за да се обидат да се вратат на север. Во градот Газа, претворен во урнатини, жителите ги пребаруваа местата на нивните поранешни домови во неделата, покажаа снимките.

Според Обединетите нации, повеќе од половина од живеалиштата биле оштетени или уништени од војната, а 1,7 милиони луѓе од 2,4 милиони жители на Појасот Газа се раселени. Болниците на југот на енклавата, кои се исто така оштетени и без неопходните средства, продолжуваат да примаат бројни ранети евакуирани од северот, каде речиси сите здравствени установи престанаа да работат или се целосно разурнати.