Израелските сили извршија смртоносни воздушни напади врз Појасот Газа и во петокот, само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден го опиша воениот одговор на Израел на нападот на Хамас во јужните изралески области на 7-ми октомври како „претеран“.
Израел започна нови воздушни напади врз Појасот Газа по критиките на Бајден додека дипломатите се обидуваа да ги спасат преговорите за примирје. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот на Хамас кој, меѓу другото, предвидува ослободување на заложниците кои ги држат во разорената енклава палестинските милитантни групации.
Палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 15 лица загинале во најновите воздушни напади, вклучително и осум во Рафах, последното засолниште за речиси половината од 2,4-милионско наеление на Газа кое е раселено.
Официјални лица соопштија дека четири лица се убиени во воздушен напад врз куќа во Ал-Завејдех во центарот на Газа и едно во блискиот Деир Ал-Балах.
Очевидци изјавија за Reuters дека во градот Газа на север се водат жестоки борби и дека источните делови на јужниот дел на Кан Јунис биле гранатирани. Медицинските работници и медиумите на Хамас соопштија дека две лица загинале во напад на израелско беспилотно летало во Кан Јунис.
Вашингтон, иако најважниот сојузник на Израел, во четвртокот предупреди дека секоја израелска воена операција во Рафах, без да се земат предвид маките на цивилите, би била катастрофа и порача дека нема да ја поддржи. Во можеби најострата јавна критика на владата на Нетанјаху, Бајден им рече на новинарите во Белата куќа во четвртокот: „Мислам дека, како што знаете, спроведувањето на одговорот во Појасот Газа беше прекумерен“.
Бајден рече дека се залага за договор за нормализирање на саудиско-израелските односи, зголемување на количеството на хуманитарна помош за палестинските цивили и запирање на борбите на одредено време за да се овозможи ослободување на заложниците.
„Има многу невини луѓе кои гладуваат, многу невини луѓе кои имаат потреба и умираат, тоа мора да престане“, рече Бајден.
Министерството за здравство на Газа во петокот соопшти дека најмалку 27.947 Палестинци биле убиени во конфликтот, од кои 107 во изминатите 24 часа. Повредени се 67.459.