![UNRVA](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/UNRVA.jpg?resize=696%2C455&ssl=1)
Израел ги поддржа своите обвиненија за тероризам против Палестинската агенција на ОН за бегалци (UNRWA) на Генералното собрание на Обединетите нации во понеделникот, кога амбасадорот покажа видео од службеник на UNRWA во Израел на 7. октомври минатата година во текот на неговиот говор.
Снимката, која израелскиот амбасадор Гилад Ердан ја репродуцираше на таблет, покажува како две лица креваат безживотно тело во возило. Дипломатот рече дека еден од мажите работел како социјален работник во Агенцијата.
„Од 13.000 вработени на UNRWA во Појасот Газа, стотици се активни терористи, а дванаесет отсто се членови на Хамас или Исламски џихад во Палестина“, рече Ердан.
Израелскиот амбасадор тврдеше дека UNRWA е „инструмент“ на „терористичката машинерија“ на Хамас.
Израел обвинува десетина вработени во УНРВА за вмешаност во терористички акции извршени од исламистичкиот Хамас на 7. октомври. Наводите предизвикаа неколку западни земји да ги замрзнат плаќањата кон UNRWA, вклучително и двата најголеми донатори, САД и Германија.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги нарече наводите веродостојни и вети сеопфатно објаснување. Веднаш беше прекината соработката со неколку вработени.
Според информациите на германската новинска агенција DPA, израелските власти во јануари им доставиле на ОН дванаесет имиња и геоподатоци на телефони од 7. октомври. Обединетите нации ги провериле и откриле дека го поткрепуваат сомнежот.
Милитантите на Хамас убија 1.200 луѓе во јужен Израел и киднапираа 253 во нивниот напад на 7. октомври, според Израел. Израелската војска уште истиот ден одговори со масивно бомбардирање на Појасот Газа од копно, воздух и море а од 27. октомври започна и копнена офанзива во која освен целосното разорување на малата енклава убиени се повеќе од 30.000 Палестинци, од кои најмногу се деца и жени, според Министерството за здравство на енклавата.