Израелското Министерство за одбрана набавува 40.000 шатори како подготовка за евакуација на населението од Рафах, град во најужниот дел на Појасот Газа кон Египет, којшто Израел планира да го нападне, како што тврди, за да ги уништи преостанатите баталјони на милитантната група Хамас, објавија во вторникот израелските медиуми.
Министерството сѐ уште официјално го нема потврдено тој план, но веќе има протекување на информации, пишува весникот The Jerusalem Post, еден од многуте медиуми кои објавија за него.
Веста за планираното купување шатори, во кои може да се сместат по 12 лица, е еден од првите конкретни знаци за подготовките за евакуација на Рафах, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати најави дека е планирана инвазија на Рафах, последниот преостанат град во Газа кој сè уште не е извршен со голем копнен напад.
Израелската армија тврди во соопштението дека четири баталјони на Хамас и натаму се присутни во Рафах, како и непознат број високи команданти на исламистичкото движење. Претходно, израелските власти процениле дека баталјоните на Хамас имаат по околу 1.000 борци.
Пред нападот, цивилното население ќе биде евакуирано на таканаречените „хуманитарни острови“ во централна Газа, каде што ќе има храна, вода и медицински услуги, соопшти израелската армија.
Плановите за напад на Рафах наидоа на осуда од меѓународната заедница, па дури и најблискиот сојузник на Израел, САД, го предупреди Нетанјаху дека земјата ќе се соочи со глобална изолација доколку опстои на планот.
Израелската воена операција во Газа, започната по ненадејниот без преседан според координараноста и масивноста, како и по бруталностан, напад на Хамас врз Израел во кој загинаа речиси 1.200 луѓе од кои речиси 900 цивили и зедоа повеќе од 250 како заложници минатиот октомври, ја остави енклавата во урнатини и го раселија повеќе од половината од 2,4-милионското население на малатта тесна енклава.
Во копнените и воздушните напади во Појасот Газа убиени се повеќе од 33.000 луѓе, од кои најголем дел се цивили а третина се деца, а повиците за прекин на огнот се зголемуваат од целиот свет.
Израелските власти тврдат дека убиле околу 10.000 борци на Хамас и уништиле поголем дел од организираните борбени формации на движењето, но велат дека мора да го заземат Рафах за да ја постигнат својата цел да ги уништат воените и раководните структури на групата и да ги вратат преостанатите заложници.