Израел наместо ракети произведува респиратори

Израелските власти тајна фабрика за производство на ракети ја пренамениле за масовно производство на респиратори, поради продолженото ширење на епидемијата на коронавирусот во земјата, соопшти во вторникот министерството за одбрана.

Израелските здравствени власти во вторникот потврдија речиси 5.000 заболени од новиот тип коронавирус, од кои 17 лица починале.

Министерот за одбрана Нафтали Бенет предупреди дека земјата има само 2.000 респиратори и дека се потребни уште многу од овие апарати за одржување на дишењето на тешко заболените.

Земјите ширум светот имаат недостиг од респиратори, а некои поради нивното производство се обратија до приватните компании и војската.

„Утрово започна производство во тајна постројка за ракети и првите респиратори се тестирани и составени“, се истакнува во соопштението на израелското министерство за одбрана.

Се додава дека за само неколку дена е пренаменета линијата за производство на ракети.

„Израел мора да ги развива сопствените капацитети за сѐ што има врска со пандемијата од Covid-19. Не смееме да зависиме од набавката од други земји“, истакна Бенет.