Израел развива нов противракетен штит со САД

Израелската влада во четвртокот соопшти дека земјата развива нов противракетен штит наречен „Arrow-4“ во соработка со САД.

Израелските пресретнувачки системи „Arrow-2“ и „Arrow-3“ веќе се оперативни во рамките на повеќестепениот систем за уништување на проектило насочени кон Израел во атмосферата и во космосот.

„Развојот на (штитот-) Arrow-4 со нашите американски партнери ќе резултира со технолошки и оперативен скок нанапред и ќе нѐ подготви за идното боиште и растечките закани на Блискиот исток и пошироко“, изјави израелскиот министер Бени Ганц, поранешен воен командант а сега челник на центристичката партија „Сино-бело“ која е во изнудена коалиција со десничкарската Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Израелските лидери ги опишуваат балистичките програми на најжестокиот регионален противник Иран, како закана за Израел и за светот. Иран тврди дека развојот на неговата ракетна програма има одбранбен карактер и дека е насочен на одвраќање од евентуални напади од страна на еврејската држава и на САД.

Израелското министерство за одбрана објави дека компанијата „Israel Aerospace Industries“ ќе биде главниот произведувач на антиракетниот систем „Arrow-4“. Американскио „Boeing“ и израелски „Elbit Systems“, исто така, се дел од одбрaнбениот проект „Arrow“.