Израелските сили навлегоа подлабоко во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа во вторникот, изјавија локалните жители, додавајќи дека во израелските воздушни напади загинале најмалку пет лица во јужниот град Рафах.
Симултаните израелски напади на северните и јужните рабови на Појасот Газа овој месец предизвикаа нов егзодус на стотици илјади жители во енклавата и значително ја намалија испораката на хуманитарна помош, зголемувајќи го ризикот од глад за населението.
Во Џабалија, бегалски камп изграден за цивили протерани во израелска офанзица пред 75 години, израелската армија употребила булдожери за да ги срамни со замјата продавниците и другите објекти во близина на локалниот пазар, објавија жителите.
Израел објави дека неговата војска се вратила во овој бегласки камп, за кој пред неколку месеци соопшти дека е ослободен од борците на Хамас, со цел, како што тврди израелската армија, да ја спречи милитантната група да се прегрупира таму.
Здравствените власти и итните служби објавија дека десетици тела се наоѓаат под урнатините на куќите во Џабалија, но дека спасувачите не можат да пристапат до нив.
„Израел го урива кампот врз главите на луѓето, бомбардирањето не престанува, а светот бара повеќе храна да влезе во Газа. Сакаме да спасиме животи, а не дополнителна храна“, рече Абу ел-Насер, жител на Џабалија кој побегна во градот Газа.
Во израелската офанзива на Појасот Газа загинаа повеќе од 35.000 Палестинци, тврдат локалните власти, додавајќи дека се трага по уште најмалку десет илјади мртви останати под уништените згради.
Израелската армија еден ден претходно објави дека уништила „околу 70 локации на терористи“ во енклавата, вклучувајќи складишта за оружје, ракетни фрлачи, воени инсталации и набљудувачки пунктови.
На југот на енклавата, во израелски воздушен напад загинаа три деца во куќа во Кан Јунис и најмалку пет лица, од кои три деца, во куќа во Рафах.