Израелски голман го навредува Бензема за неговата солидарност со Палестинците

Поранешниот израелски фудбалски голман, 45-годишниот Давид „Дуду“ Ауате, поранешен голман на шпанските прволигаши Депортиво Ла Коруња и Мајорка, на социјалните мрежи го навреди францускиот напаѓач со алжирски корени 35-годишниот Карим Бензема, кој изјави дека израелската армија неправедно бомбардира жени и деца во Појасот Газа.

Ауате му напиша на социјалната мрежа Х, на пет јазици: „Ти си курвин син“. Таму ги објави знамињата на Израел и САД, вечниот израелски сојузник.

Бензема, сега играч на Саудиска Ал-Итихад и поранешен капитен на Реал Мадрид, претходно во неделата на истата мрежа напиша дека се моли за жителите на Газа, тесната и опколена област со 2,4 милиони жители, каде израелската армија се подготвува да нападне од копно, воздух и море.

„Сите наши молитви за луѓето од Газа кои повторно се жртви на неправедното бомбардирање кое не поштедува ниту жени ниту деца“, напиша Бензема.

Поддршка за жителите на Палестина даде и поранешниот француски репрезентативец 30-годишниот Набил Фекир, кој со Франција ја освои светската титула во 2018 година. Играчот од средниот ред на Реал Бетис ја даде својата „непоколеблива поддршка на народот на Палестина“ и повика на враќање на мирот и правдата, сметајќи дека палестинското население предолго е подложено на апартхејд.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изрази сочувство до претседателите на палестинската и израелската фудбалска федерација во писмото испратено во петокот, во кое се вели дека ФИФА се придружува на „повиците за итен прекин на непријателствата и за ублажување на страдањата на Израелците и на палестинскиот народ“.