Израелската полиција убила вооружен Палестинец а друг уапсила во судир во палестинската енклава Западен брег (од реката Јордан), кој меѓународната заедница го смета за окупирана територија од Израел, и во четвртокот соопшти дека биле дел од групата којашто е одговорна за заседата во којашто е убиен еврејски доселеник.
Двајца специјалци се ранети во нападот во градот Џенин, изјави портпаролот на израелската полиција. Вакви инциденти беа ретки на Западниот брег, каде што палестинските безбедносни сили минатата година ја продолжија соработката со израелските органи и покрај тоа што мировните преговори и за решението со две држави се во застој.
Функционер на палестинското министерство за здравство рече дека Израелците го известиле за тоа дека убиениот напаѓач бил Ахмед Џарар, припадник на исламистичкото движење Хамас кое ја контролира другата палестинска енклава Појасот Газа, и син на високиот командант на оваа милитантна групација НАзсер Џарар кого израелските сили го убија во 2002 година.
Но палестинскиот министер изјави дека палестинската страна не го видела телото, како и дека неговото семејство не можело да ја потврди смртта на Џарар. Тројца други Палестинци се ранети, додал функционерот.
Очевидци изјавиле дека израелските сили со булдожер урнале најмалку една зграда и дека е можно уште едно невооружено лице да останало затрупано под урнатините.