Израелските сили ги пребаруваат просториите и подрумите на најголемата болница во Газа

Израелската армија влегла во најголемата болница во Газа во средата и ги пребарува просториите и подрумите, изјавија очевидци, откако Израел известо за смртоносниот судир кој се одиграл пред влезовите на болницата.

Болницата „Ал Шифа“ во градот Газа стана главна цел на копнена операција на израелските сили кои тврдат дека борците на Хамас се сместени во тунелите под комплексот, што Хамас го негира.

Светското внимание е насочено кон судбината на стотиците пациенти и илјадници прогонети цивили заточени во болничкиот комплекс. Официјални лица во Газа велат дека голем број пациенти, вклучително и најмалку четири новороденчиња, починале последните денови како резултат на израелската опсада на објектот.

Израел тврди дека неговите сили убиле борци во судир пред влезот и донеле медицински материјали за оние внатре.

„Пред да влезат во болницата, нашите сили се соочија со експлозивни направи и терористички одреди, по што следеа борби во кои терористите беа убиени“, соопшти израелската армија.

„Можеме да потврдиме дека инкубаторите, храната за бебиња и медицинските материјали, испорачани од тенковите на IDF од Израел, успешно стигнаа до болницата Ал Шифа. Нашите медицински тимови и војниците кои зборуваат арапски се на терен за да се осигураат дека овие залихи ќе стигнат до оние на кои им е потребна“. соопшти израелската армија.

Лекар од болницата „Ал Шифа“ во Газа во средата изјави за Reuters дека истрелите го принудиле персоналот да се држи подалеку од прозорците заради нивна безбедност додека израелските сили почнале да го пребаруваат комплексот.

„Сѐ започна вчера вечерта. Пукање наоколу и во болница. Навистина е ужасно што може да почувствувате дека е многу блиску до болницата. И тогаш сфативме дека тенковите се движат околу болницата“, изјавил Мохалалати за Reuters во телефонско интервју.

„Тие само се паркираа пред одделението за итни случаи на болницата. Секакво оружје се користеше околу болницата. Пукаа директно во болницата. Се обидуваме да се скриеме подалеки од прозореците”, опишал докторот.

Друг сведок во болницата, со кој Reuters разговарал телефонски, вели дека тенковите влегле во комплексот во 3 часот наутро. Израелските сили распоредени околу дворот, почнале да го пребаруваат подрумот и да навлегуваат во зградите.

„Беше многу опасно да се погледне низ прозорецот. Од управата на болницата ни кажаа дека окупаторската војска ги известила дека сакаат да нѐ претресуваат соба по соба. Многу сум исплашен”, рекол човекот кој поради страв од израелска одмазда побарал да остане анонимен.

„Немаше пукање бидејќи немаше вооружени лица во објектот. Војниците дејствуваа слободно како и луѓето во болницата, лекарите, ранетите и раселените“, рекол соговорникот на агенцијата. Тој подоцна изјавила за Reuters дека повремено се слушаат пукотници и дека се крие.

Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија дека „врз основа на разузнавачките и оперативните потреби“ спроведуваат „прецизна и насочена операција против Хамас во одредени области на болницата Ал Шифа“.

Портпаролот на израелската војска Питер Лернер, изјави за CNN дека болницата и комплексот се центар на Хамас за неговите операции, потенцијално дури и неговото „срце“. Соединетите држави во вторникот соопштија дека сознанијата нивните разузнавачки служби се совпаѓаат со заклучоците на Израел.

Хамас во средата одговори дека најавата на Вашингтон практично му дала на Израел „зелено светло“ да влезе во болницата во центарот на Газа и дека го смета американскиот претседател Џо Бајден за одговорен за операцијата заедно со Израел.