Израелските војници убиле тројца палестински напаѓачи крај Наблус

Израелските трупи на Западниот брег (на реката Јордан), според меѓународната заедница окупирана палестинска територија од страна на Израел, убиле тројца вооружени палестински напаѓачи кои во неделата нападнале нивна позиција во енклавата, објави војската додавајќи дека четвртиот напаѓач е уапсен откако се предал.

Министерството за здравство на Палестинската самоуправа ја потврди информацијата за смртта на тројцата милитанти близу Наблус во северниот дел од Западниот брег, на териториите на коишто последните месеци забележлива е ескалација на насилствата.

Милитантната група којашто дејствува во енклавата под називот „Лавје дувло“ со седиште во стариот дел на Наблус објави соопштение во кое стои дека тројцата убиени се нејзини припадници.

Израелската војска објави дека група вооружени напаѓачи отворила оган врз воени пункт близу крстосница недалеку од Наблус, област во којашто неодамна повторно избувна смртоносно насилство меѓу Палестинците, од една страна, и израелските сили и вооружените доселеници, од друга страна.

Војниците возвратиле со оган, убивајќи тројца вооружени напаѓачи, пред четвртиот да се предаде и потоа заплениле оружје и муниција, се додава во објавата.

Инцидентот е последниот во низата смртоносни удари меѓу израелските сили и палестинските бунтовнички групации на Западниот брег, откако Израел започна нови воени пресметки по низата палестински напади од минатата година. Израелските сили со месеци речиси секој ден изведуваа упади на Западниот брег, во кои се уапсени илјадници лица а убиени се повеќе од 200 Палестинци, вклучително и милитанти и цивили. Во истиот период во палестински напади убиени се повеќе од 40 Израелци.