По речиси еден месец, откако на 8 септември изгоре модуларната болница во Тетово, при што 14 лица го загубија животот, од ОЈО за Плусинфо информираат дека до нив е пристигнат извештајот од МВР.
– Во Основното јавно обвинителство Тетово во петокот пристигна извештајот од ОКТИВ при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, кој беше побаран со наредба од обвинителството. Извештајот ќе биде разгледан и анализиран од страна на обвинителите. Се очекува да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки – ни одговорија од Обвинителство во врска со истрагата.
Оттаму додаваат дека дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат.
– Сè уште се врши сослушување на членови на Комисии за имплементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика – велат од ОЈО.
Од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот на 8 септември во модуларната ковид-болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, ќе зависи и одлуката на премиерот Зоран Заев, за понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот Илир Хасани и двајцата директори на тетовската болница.
– Јас не можам да дадам наредба, налог, напатствија на орган кој не е под наша надлежност, тоа обвинителство. Можам да апелирам да се објави извештајот. Можам да побарам од МВР да го објават соопштат извештајот. Поминуваат недели, треба да се дадат одговори, прво за граѓаните, потоа и за нас, за да носиме одлука. Очекувам од следните денови да се објават од МВР детали од форензиката, а ОЈО, да продолжи со истрагата. Но, одговорот за како настанал пожарот и што се случило, сите детали поврзани со моментот, очекувам да бидат јавно објавени, по што ќе донесе одлука во врска со понудените оставки од министерот и заменик-министерот – рече Заев.
Според Заев, по заминувањето на германските експерти, треба за две недели да стигне и нивниот извештај.