Извлечен е потонатиот брод „Мис Стон“ од каналот Студенчишта

Денеска е извлечен делумно потонатиот брод „Мис Стон“ во каналот Студенчишта од кој беше излеана мала количина нафта.

Со помош на брод од Хидробиолошкиот завод и дигалка бродот беше исправен и прицврстен во близина на хангарот од Хидробиолошкиот завод. Се очекува во наредните денови бродот да се дислоцира од каналот. Во целиот зафат учествуваше и екипа на ЈП „Нискоградба“, која со пумпи претходно ја отстрани водата од внатрешноста на бродот.

Во текот на вчерашниот ден, екипа од Капетанијата и пристаништа од Охрид, со специјални абразивни средства, успеа да ја неутрализира најголемата количина излеана нафта.