Три тела се извлечени досега од хотелот во планинското одмаралиште Фариндола во Италија, кој синоќа беше затрупан од лавина, изјавија претставници на италијанската полиција, јави ДПА. Пронајдено е и четврто тело, но тоа се уште не е извлечено.
Припадници на противпожарната служба изјавија денеска на Твитер дека стигнале до хотелот „Ригопиано“ со кучиња за спасување и оти не пронашле никакви траги од исчезнатите луѓе.
Потврдено беше дека две лице се извадени живи од првите спасувачи, кои пристигнале до планинскиот хотел на скии точно пред разденување.
Според последните информации на локалните власти во зградата имало 20 гости и осуммина вработени, кога надошла лавината. Спасувачите се уште трагаат по меѓу 25 и 30 лица.
Хотелот „Ригопиано“, кој се наоѓа во провинцијата Пескара, во италијанската област Абруџо е со четири ѕвезди и е единствениот изграден во националниот парк Гран Сасо, кој се простира на плоштина од 150 илјади хектари во три области во централниот дел на земјата.
Во хотелот има спа центар. Комплексот се простира на 1.200 метри надморска височина, со плоштина од 1.300 квадратни метри. Хотелот е на три ката и бил отворен во ’70-те години од минатиот век. Неодамна бил обновен. Во хотелот има 45 соби и неколку апартмани за четири лица, како и надворешни и внатрешни базени.
Лавината, која го затрупа синоќа беше причина за поместување на објектот за десет метри. Огромната снежна маса била широка неколку десетици метри и носела со себе се што и се нашло на патот, полнејќи го собите и ходниците на хотелот со тони снег, искршени дрва и земја.
Амбасадата на Романија во Италија добила информација, според која тројца романски државјани, еден возрасен и две деца се наоѓале во хотелот.
Спасувачката операција во хотелот е само една од неколкуте во областа Абруцо, во која се наоѓа провинцијата Пескара. Освен поради снегот таму од вчера се мобилизирани екипи и заради четири силни земјотреси со интензитет од над пет степени според Рихтеровата скала, кои се случија во период од неколку часа и предизвикаа уривања.
Засега не е познато дали лавината, која паднала врз хотелот, е предизвикана од земјотресите. Гратчето Фариндола е во зоната, погодена од земјотресите.