Еден од најдобрите африкански фудбалери на сите времиња, 35-годишниот Јаја Туре во понеделникот ја демантираше веста дека ја завршува играчката кариера.
Туре објасни дека веста за неговото повлекување објавена во петокот од светските новински агенции ја измислил неговиот менаџер Дмитриј Селук, кој наводно за тоа прво ги известил руските медиуми.
„Постојат очигледно многу збрки околу мојата иднина, но јас имам намера да играм уште неколку години. Подготвен сум за нови предизвици“, рече поранешниот репрезентативец од средината на теренот на Брегот на слоновата коска, кој во моментов нема клупски ангажман.
Во текот на кариерата играше за Барселона, Манчестер Сити, Беверен, Монако, Олимпијакос и Металург Донецк. Најдобрите игри ги прикажа во дресот на Сити со кого освои три шампионски титули во Англија, два Лига купа и еден ФА куп. Со Барселона, пак, ги освои дури седум трофеи, од кои Лигата на шампионите и две шпански првенства.
За репрезенатацијата на својата земја впиша 101 настап и постигна 19 головои, совојувајќи го африканското првенство во 2015 година, а дури четири пати беше избиран за најдобар фудбалер на „Црниот континент“.