Јакимовска: СДСМ го злоупотребува државниот имот за партиски цели

Владејачката СДСМ врши груби изборни злоупотреби. Државниот имот се злоупотребува за партиски цели. Тоа се прави во Куманово, во Струмица, обвини Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата во средата презентирајќи пред новинарите фотографии кои ги аргументираат нејзините тврдења.

Јакимовска прецизираше дека вработените во општинското јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово, наместо на работа, делат партиски флаери за СДСМ и кандидатот за градоначалник пратеникот Максим Димитриевски.

„Од овие фотографии јасно се гледа како на вработените од ова претпријатие им се дава голема количина на пропаганден материјал од штабот на СДС, со цел негово разнесување. Второ. истото се случува и во Струмица. Во општина Струмица каде долги години градоначалник беше Зоран Заев, со комбе во сопственост на општината се разнесува изборен материјал на СДС. Трето. Граѓаните беа сведоци како во првиот ден од кампањата Зоран Заев на партискиот митинг во Битола оди со службени возила на владата“, посочи Јакимовска.

Според неа, СДСМ едно зборува пред медиумите, а друго работи во реалноста.

„Незаконски и скандалозно е вработени во јавната и државната администрација во работно време да бидат користени за партиски цели. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите набљудувачи на изборниот процес да реагираат на ваквата ноторна злоупотреба на државните ресурси во партиски цели. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потенцира дека институциите мора да работат исклучиво согласно закон, и дека секое незаконско работење ќе биде санкционирано со враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија. Одговорност ќе мора да има“, порача Јакимовска.