Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Кривичниот суд во завршните зборови во предметот на СЈО „Тенк“, каде ѝ се суди одвоено поради породувањето, плачејќи рече дека судијката судот отпочеток бил пристрасен кон неа и нефер, зашто знаел дека гледа доенче и оти не можела поради тоа да пружи квалитетна одбрана.
Оваа постапка се води во исклучителни околности за мене. Постои пристрасност кај мнозинството од судечкиот совет кој јавно искажа став дека сум виновна уште при носење на пресудата за Ѓоко Поповски и Никола Груевски. Дополнителна околност за пристрасност е носење на одлука во експресен период. На почетокот на процесот требаше да се грижам за дете кое имаше 2 месеца, а сега на крајот има 3 месеца“, рече Јанкулоска расплакана.
Таа ги отфрли обвинувањата на СЈО дека ја злоупотребила службената положба како министер за внатрешни работи и по нарачка на тогашниот нејзин шеф премиерот Никола Груевски, му наложила на помошникот министер за јавни набавки Ѓоко Поповски да го намести тендерот со фаворизирање на компанијата „Макаутостар“ и да има само една понуда, „мерцедес С600 гард“, бидејќи Груевски ѝ кажува дека такво возило сака да му се купи од буџетот на МВР.
Апелациониот суд Скопје во секој момент треба да ја објави одлуката по жалба за затворските казни на Груевски и на Поповски. Груевски пред еден месец кога се одржа јавната седница во Апелација не дојде, а Поповски се пожали пред петчлениот судиски совет: „Не можете по магарето, удривте по самарот“, алудирајќи на тоа дека тој не е нарачател на набавката, а доби 6,5 години затвор. Груевски беше осуден на 2- годишна затворска казна.
Пресудата за Јанкуловска ќе биде соопштена за пет дена, на 8 октомври.