Носителот на Изборната Единица 2, Гордана Јанкуловска денеска оствари средба со пензионерите од Општина Бутел.
На средбата Јанкуловска ја истакна заложбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за грижата и заштитата на пензионерите која се потврдува преку големиот број мерки и активности спроведени во изминатиот период.
„Денес со кандидатот за Претседател Ѓорге Иванов се сретнавме со пензионерите од Бутел. Во изминатиот период просечната пензија ја зголемивме за 62 отсто, Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе ги зголемува пензиите по 5 отсто годишно, со исплатата на пензијата за јуни, вкупното зголемување на пензиите за четири години ќе изнесува 21,5 отсто“, рече Јанкуловска.
Таа потенцираше дека Македонија е една од ретките земји која не ја зголеми старосната граница за пензионирање и која и во услови на економска криза и рецесија ги зголеми пензиите наместо да ги намали.